На 29 април од 20 часот, во камерната сала на Филхармонијата, ќе се одржи хуманитарен концерт на институтот „Фејмс“, на кој ќе гостува српскиот виолинист Роман Симовиќ (фото).
Средствата од продадените билети ќе бидат донирани за фондот за поддршка на семејствата на жртвите и повредените од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. На концертот, ќе се свират дела од Бетовен, концерт за виолина и Симфонијата бр. 7.
Оркестарот на „Фејмс“ е составен од млади музичари од различни европски земји. Настанот се организира во соработка со Црвениот крст, а на самиот концерт ќе бидат поставени и пунктови за дополнителна доброволна донација.
Роман Симовиќ е еден од најценетите виолинисти денес, со богата солистичка и оркестарска кариера. Тој е концертмајстор на Лондонскиот симфониски оркестар и настапувал на некои од најпрестижните сцени во светот.