ИДРИС ЕЛБА ЌЕ НАСТАПИ НА „КОАЧЕЛА“ И ВО ИДНИНА ПЛАНИРА ПОВЕЌЕ ДА СЕ ПОСВЕТИ НА МУЗИКАТА

Лос Анџелес, (Си-Ен-Ен)

Фестивалот „Коачела“ ја објави листата учесници на своето годинашно издание и социјалните мрежи се шокираа од едно име кое се појави на неа.

Идрис Елба, еден од омилените британски актери и „најсекси маж на планетата“ според „Пипл“, ќе настапи на вториот ден од легендарниот музички фестивал во Калифорнија, на 13 април, и на многумина не им беше јасно што бара тој таму.

„Идрис Елба на ‘Коачела‘? Што се случува со 2019?“, напиша еден корисник на Твитер.

Но, Елба, кој освои Златен глобус за серијата „Лутер“, со години настапува како диџеј под името Биг Дрис, има издадено албум во 2015 година и дури најави дека во иднина повеќе ќе се посвети на својата музичка кариера.

„Мислам дека достигнав врв во мојот актерски простор, што е извонредно и тоа значи дека сега навистина можам повеќе да се сконцентрирам на музиката. Наредната година планирам да одам на турнеја и да издадам нов албум“, кажа Елба во едно интервју лани.

Иако звучно име, Елба сепак не е меѓу главните ѕвезди на „Коачела“, туку овој статус е резервиран за Чајлдиш Гамбино, „Тејм импала“ и за Аријана Гранде.