На 29 ноември во салата „Јане Сандански“ во Скопје, легендарниот радио и ТВ-водител Драган Б. Костиќ вели дека ќе го одигра „последниот танц“ на сцена. Така е наречен настанот кој „Авалон“ го организира по повод 50 години од една од радиоемисиите по кои е препознатлив Костиќ, „Диско селектор“. Тој вели дека по овој настан ќе се повлече, но само од јавните настани како диџеј.
„Сакав да го одиграм овој ‘последен танц’ пред луѓето кои пораснале со ‘Диско селектор’ и ‘Заборави ако можеш’, со музика од која сите ќе се чувствуваат убаво. Кога луѓето ќе заминат од салата, сакам да си речат дека им било убаво“, ни рече Костиќ.
Додаде дека до крајот на годината има договорено неколку клупски настапи, а потоа ќе се посвети на пишувањето, но нема да се откаже од неговите три емисии: „Заборави ако можеш“, „Диско селектор“ и „Кавервил“.
„Сега е ново време, ретко кој слуша радио, кој слушнал, кој не слушнал. Затоа трите емисии ќе ги поставам на дигитални платформи и ќе може да ги слуша кој кога сака и има време. Ќе објавам детали за тоа на социјалните мрежи. Сакам да останат снимени и младите да можат утре нешто да научат од нив. Сите три ќе се емитуваат неделно, значи во една недела ќе работам на трите емисии“, ни рече Костиќ, кој додаде дека пишува две книги.
„Едната е радиобиографија, а другата е една многу забавна книга од 400 страници која се чита за еден ден, од сабајле до вечер“.
Вели дека датумот на настанот, 29 ноември, убаво се погодил со некогашниот Ден на Републиката, кој се славеше во Југославија.
„Се погоди интересно, токму на 29 ноември. Утредента ‘Парни ваљак’ има концерт во истата сала, па датумот пред нив беше слободен. Ќе го користам истото озвучување. Јас не сакам гламур, не сакам форма, сакам содржина. Целта ми е ова што го правам, и со емисиите и со книгите и со ‘последниот танц’, да остане зад мене“, вели Костиќ.
Најавува дека е можно да има и гости на забавата, со кои преговара.
„Голема е салата, знам, но сакам да соберам луѓе од многу генерации, и оние кои ми се значајни долги години и оние со кои не сум се запознал“, вели Драган Б. Костиќ.
М. ЏАРОВСКА