Поп-пејачот Александар Тарабунов ќе одржи концерт во Скопје на 10 декември во Филхармонијата. Taрабунов, кој е син на пејачот на народни песни Ванчо Тарабунов и вработен во хорот на Операта, вели дека концертот ќе биде остварување на неговата животна желба.
„Ова ми е животна зелба и мислам дека сега е моментот за овој концерт, кој ќе биде почеток на нешто големо во мојата кариера. Ќе има 40 музичари на сцената и аудиовизуелно ќе биде сѐ по светски стандарди. За моите песни се работат нови аранжмани кои звучат премногу добро“, ни рече Тарабунов.
Тој додава дека од неговите почетоци во 2009 имал желба за поголем концерт и драго му е што наскоро ќе си ја исполни желбата,
Александар Тарабунов е автор на новата песна на хрватската група „Вигор“, насловена „Кога ќе те видам“ (Kad te vidim). Тој ги напиша музиката и аранжманот, а текстот е на фронтменот на групата Марио Рот.
„Целата група е презадоволна од мојата работа и неизмерно се среќни што ќе продолжиме да соработуваме во иднина“, вели поп-пејачот.
Тарабунов пееше евергрини и филмска музика на концертот „Центарска симфонија“, кој се одржа на 28 јуни во Скопје.
„На крајот се почувствував исполнет кога публиката ја пееше мојата најнова песна ‘Заедно’. Ја знаеше напамет, а нема ни две недели откако е излезена. Тоа е мотив за нас музичарите, да живеат песните што ги создаваме“, ни рече Тарабунов.
М. ЏАРОВСКА
Фото: К. Попов