ЌЕРКА МИ МЕЛАНИ И МЛАДИТЕ МЕ НАТЕРАА ДА ЈА ПРЕРАБОТАМ „ВО БЕЛО“ ВО ТЕХНО ВЕРЗИЈА, РЕЧЕ СОЊА ТАРЧУЛОВСКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Соња Тарчуловска го преработи својот хит „Во бело“ во модерна, техно верзија. Фолк пејачката на промоцијата на 11 март во Скопје рече дека нејзината ќерка Мелани, која е исто така пејачка, ѝ ја дала идејата песната да продолжи да се слуша, но во верзија која ќе ја слушаат и младите.

Пред да се пушти новиот спот, Тарчуловска најави кусо видео во кое млади зборуваат дека ја сакаат нејзината песна.

„Најмногу ја слушаме онаа песна ‘Во бело, во бело’, на ТикТок ни е хит“, рече во видеото трап пејачот Христијан Настески-Пајак, еден од најпопуларните меѓу младата публика.

Соња Тарчуловска со ќерка си Мелани (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

„Ќерка ми, гледајќи го видеото, ми рече дека морам да направам модерна верзија на оваа песна која живее веќе 25 години и се пее на сите свадби и прослави. Потоа, сосема случајно се поврзав со едно прекрасно талентирано дете, Андреј Николов, кој ги направи ремиксот и мастерингот, а моја Мелани ги испеа придружните вокали. Ми беше чудно, затоа што јас сум фолк пејачка и сакам трилери, но никогаш не знаеш во кој правец ќе те однесе животот. Ќе ми биде мило ако оваа песна сега се слуша по дискотеките“, рече Тарчуловска, која гостите ги поздрави со својата најмала ќерка Јоана (фото).

Копродуцент на новата верзија е Димитар Николов. На промоцијата се пушти и спотот за нејзината последна песна „Со црвено“.

М. ЏАРОВСКА