На 13 септември од 20.30 часот во Филхармонијата, концерт ќе одржи македонскиот кантавтор Крсте Роџевски кој живее во Њујорк, заедно со американската челистка Томика Рид.
Музичката соработка меѓу Крсте Роџевски и Томика Рид започна пред десетина години, кога Рид свиреше виолончело на вториот студиски албум на Роџевски. Подоцна, таа свиреше и на синглот „Горно Дупени“, како и на новиот аранжман на традиционалната песна „Ој љубов“, кој Роџевски го напиша за саундтракот на филмот „Врба“ на Милчо Манчевски. За време на пандемијата, Роџевски сними албум со елитата на џез и експериментална сцена од Чикаго, во кој Томика Рид повторно учествуваше, како дел од музичката екипа.
Ова е вторпат Роџевски и Рид да настапат заедно во Македонија. Првиот беше на „Оф фест“ во 2019.
Крсте Роџевски живее и работи во Њујорк од крајот на 1990-тите. Зад себе има седум студиски албуми за издавачки куќи во САД и Грција, во кои соработува со повеќе истакнати музичари од Њујорк и Чикаго, како Крис Дејвис, Адам Рудолф, Ингрид Лауброк, Мери Халворсон, Бил Ласвел, Џеф Паркер, Никол Мичел, Крис Спид и други. итн.
Томика Рид е добитничка на грантот за генијалци на Фондацијата „МекАртур“. Таа е дел од AACM, Уметничкиот ансамбл од Чикаго со Никол Мичел и Мајк Рид, триото со Крег Тејборн и Чес Смит, нејзиниот сопствен квартет со Мери Халворсон, Тома Фуџивара и Џејсон Робке и многу други.
Билетите се продаваат преку мрежата на Карти.ком.мк