Дел од богатиот творечки опус на Рамбо Амадеус ќе може да се чуе во едно сосема ново издание на концертот во Филхармонијата в четврток, кога една од најголемите регионални музички ѕвезди ќе настапи заедно со Биг бендот на Здружението на џез музичари. Распродадениот концерт насловен „Чудо на Балкан“ е прв проект од ваков вид на Биг бендот.
„Музиката е еден неограничен простор. Мило ми е што мојата музика добива некои нови агрегатни состојби, претходно имам работено малку и со еден гудачки оркестар од Нови Сад. Многу ми е возбудливо кога ќе видам како некои мои песни добиваат еден нов живот, тоа е некое признание за мене. Среќен сум што воопшто имам можност да ја чујам мојата музика на еден нов начин и дека тоа не е само шоу-бизнис или естрада, туку дека постојат уметници кои го ценат она што сум го направил“, кажа црногорскиот музичар, кој неколку дена е во Скопје заради пробите пред концертот.
Џијан Емин е еден од креаторите на новите аранжмани за познатите песни на Рамбо.
„Ова е фантастичен момент за мене и за сите нас, се надевам и за публиката. Избравме 15-ина композиции од богатиот опус на Рамбо, од најраната творечка фаза, како ‘Халид Инвалид Хари‘, до денес, што ќе ги отсвириме во еден нов аранжман, со нов дух и нов шарм“, кажа Емин.
Рамбо Амадеус призна дека ќе му биде необично да свири со 20-ина музичари на сцената.
„Ова е нивно шоу, јас сум само гостин и ќе се трудам да не им пречам со мојот егоизам. Тие имаат што да покажат“, додаде Рамбо.
Г. КОНЕВ