„КРАФТВЕРК“ ВО 3Д ИЗДАНИЕ ВЕЧЕРВА ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Пионерите на електронската музика „Крафтверк“ вечерва повторно настапуваат во Скопје по 13 години пауза.

Како што соопшти организаторот „Пасворд продукција“, со овој спектакуларен музичко-визуелен настан и официјално почнува 20. издание на фестивалот „Таксират“, што, всушност, ќе трае цела година, продолжувајќи во март со концертот на „Лајбах“.

Германската четворка одржа незаборавен концерт на Скопски саем на 17 јуни 2005 година, но овојпат, доживувањето ќе биде уште повпечатливо.

„Легендарниот колектив гостува со концерт во живо, што ќе биде надополнето со специјално 3Д визуелно шоу. За таа цел, секој посетител на влез ќе добие и брендирани 3Д очила“, објави организаторот.

Како и пред 13 години, концертот е повторно речиси распродаден, бидејќи нема веќе карти за фан-пит и за партер.

Вратите на арената „Борис Трајковски“ се отвораат во 19 часот, а најавено е дека концертот ќе почне во 20.30 часот.

„Крафтверк“ се основани во 1969 година и од оригиналната постава во бендот сѐ уште членува Ралф Хитер. Тие имаат издадено десет албуми и се сметаат за едни од најголемите иноватори на полето на електронската музика и значително придонесоа за нејзино популаризирање.

Г. КОНЕВ