Хуманитарен концерт со песни на групата „ДНК“ посветен на семејствата на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани ќе се одржи на 29 февруари во Диселдорф, Германија. Песни од „ДНК“ ќе пеат Ламбе Алабаковски (фото), Андријана Јаневска, Елена Андоновска и Тина Русева.
„Лани во февруари го прославивме Свети Трифун со ‘ДНК’ и Андријана Јаневска и ја имавме најдобрата урбана забава што можевме да ја посакаме во нашава дијаспора, делејќи ја убавата енергија со Андреј, Панчо, Филип, Ѓорѓи, Александар, Игор и Александар, кои оставија спомен и емоција за вечност. Трагедијата што се случи во Кочани само еден месец по ова дружење остави голема тага и болка во душата на секој Македонец. Но, остана мисла, остана желба да им оддадеме почит на нашите пријатели. Исто така и потребата за помош на сите семејства во Кочани кои изгубија најблиски. Тие што преживеаја ќе мора да живеат со телесни тешкотии и рани што долго ќе се залечуваат, но најмногу ќе остане душевната болка, за која ќе треба многу љубов и поддршка за да им биде барем малку ублажена“, велат организаторите „Македонско сонце Диселдорф“.