ЛЕГЕНДАРНИОТ МЕТАЛ БЕНД „СЛЕЕР“ ИЗНЕНАДУВАЧКИ ОБЈАВИ ДЕКА ПОВТОРНО ЌЕ НАСТАПУВА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Легендарниот метал бенд „Слеер“ ги шокираше фановите со објавата дека повторно ќе настапува, повеќе од четири години откако ја заврши прошталната турнеја. Засега е потврдено дека „Слеер“ ќе учествува на два фестивала во САД во септември.

Тоа ќе бидат првите концерти на треш метал пионерите од крајот на 2019, кога децидно објавија дека бендот веќе нема да постои. Поставата ќе биде иста како од прошталната турнеја.

Обединувањето е уште поизненадувачко ако се има предвид дека гитаристот Кери Кинг пред само две недели ги објави плановите за својот нов соло бенд, претставувајќи ја и првата песна.

„Ништо не се споредува со 90-те минути кога свириме на бина и ја споделуваме таа силна енергија со нашите фанови“, изјави фронтменот Том Араја.