МАКЕДОНИЈО, НАЈУБАВО Е ДОМА, РЕЧЕ КАЛИОПИ НА КОНЦЕРТОТ НА ЖЕЉКО САМАРЏИЌ, КОЈ ЈА ИСПЕА „БИСЕР БАЛКАНСКИ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

По долго време, Калиопи сношти настапи во салата „Борис Трајковски“ и со овации беше пречекена во полната сала како гостинка на концертот на српскиот поп-пејач Жељко Самарџиќ, нејзин близок прикател. Калиопи и Самарџиќ заедно ја пеат песната „Знам“, која ја напиша Ромео Грил, а од лани стана доста популарна во регионот.

„Најубаво е дома. Колку е убаво повторно да пееш во Македонија“, рече Калиопи, пред да ја испее безвременската „Бато“, на која публиката ја следеше од прв до последен стих, исто како и на евровизискиот хит „Црно и бело“.

Последниве години, таа одржуваше концерти во регионот, а во Скопје немала солистички концерт повеќе од 15 години.

„Македонијо, во истата оваа сала ќе се видиме на мој концерт на 19 октомври“, најави таа.

Калиопи најави концерт на 19 октомври во салата „Борис Трајковски“ во Скопје (Фото: Ј. Гроздановска)

„Како сега јас да пеам после Калиопи“, рече Самарџиќ по нејзиниот настап.

Пејачот, кој стана популарен во зрелите години откако по војната во Босна и Херцеговина се пресели во Белград, направи уште еден весел концерт во Скопје.

Фото: С. Самандов

„Не е лесно да се освојуваат жени и не е лесно да се задржат. Мојата приказна трае 48 години“, рече Самарџиќ, кој во Скопје дојде со сопругата Маја и со ќерката Миња, исто така пејачка.

Самарџиќ го почна концертот со песната „Бисер балкански“ од Гоце Николовски и целата сала пееше со него. Гостите не беа претходно најевени, а освен Калиопи, гостуваше и Бора Ѓорѓевиќ, фронтменот на „Рибља чорба“. Двајцата ја разиграа публиката кога во дует ја испеаја „Елено ќерко“.

Самарџиќ, кој во октомври ќе наполни 69 години, пееше речиси три часа, раскажуваше забавни приказни и при крајот од концертот се симна во публиката и се сликаше со фановите.

Концертот го организираше продукцијата „Прагма“.

М. ЏАРОВСКА