СЛОВЕНЕЧКА ФИРМА ГО ОЖИВЕА ВЕЛОСИПЕДОТ „ПОНИ“, А СЕГА САКА ДА ГО ОБНОВИ И МОПЕДОТ „ПОНИ ЕКСПРЕС“

Белград, (Н1)

Словенечката компанија „Турна“ пред шест години ја купи фирмата-загубар која го поседуваше брендот „Рог“ и го пласираше неговиот култен велосипед „пони“. Денес од неговата продажба ги покрива трошоците и планира да го оживее и мопедот „пони експрес“.

Директорот на „Турна“, Владимир Погач, вели дека една третина од производството се извезува во далечни земји.

Носталгијата веќе ја нема во Словенија. Околу 40% велосипеди продаваме во далечни земји, а 30% во земјите од бивша Југославија, најмногу во Хрватска“, кажа Погач во разговорот за српски „Форбс“.

Неговата фирма лани произвела 2.000 велосипеди „пони“, од чија продажба заработила нешто помалку од милион евра.

Основната дејност на „Турна“ е производството на делови за бела техника. Брендот „Рог“ го добила со преземањето на компанијата „Горе колеса“, која во 2016 се обиде да ги врати и модернизира велосипедите „пони“. Овој стартап никогаш не остварил профит, па во 2019 се споил со „Турна“.

Продажбата на „пони“ расте, иако се очекува успорување на велосипедската индустрија по неколку успешни години.

„‘Пони‘ не е спортски или луксузен предмет. Наменет е за секојдневна мобилност, на пример, да замени автомобил еден ден во неделата“, вели Погач.

Тој ја отфрла идејата „пони“ да добие електрична верзија, но затоа се планира оживување на „пони експрес“.

Тоа беше мопед, но мал. Имаше одредени компоненти слични на велосипедот, но беше поинаков. Идниот ‘пони експрес‘ ќе се базира на ова, но ќе биде посилен и со електричен погон“, додава Погач.