Хрватската поп-пејачка Јелена Розга за првпат ќе одржи концерт во Античкиот театар во Охрид, на 29 јули, со гудачки оркестар, во организација на „Евентум“.
Розга вчера (5 јуни) во Скопје организираше дружење со медиумите и рече дека се воодушевила од Античкиот театар и веднаш ја добила сликата како концертот ќе звучи и изгледа.

„За првпат ќе пеам на ова место, ме водушеви по сликите кои ги видов. Охрид е магичен, тоа не треба ни да го кажувам и многу бев среќна кога си замислив како тоа ќе изгледа со оркестар“, рече пејачката и додаде дека концертот во Охрид ќе биде сличен како во поголемите градови во регионот.
Во придружба на својот гитарист, таа запеа неколку нејзини хитови, и го спомена концертот кој минатата година го одржа во Скопје, во салата „Борис Трајковски“.
„Кога ќе се сетам на таа вечер, како луѓето ме пречекаа, ми доаѓаат солзи. Знаете, тоа е она што што го сонувам од мала, и кога ќе си помислам дека сум сонувала полна сала, толку луѓе да ми ги пеат песните, а сега тоа навистина ми се случува, што повеќе?“, рече Розга.

Концертот на 10 февруари лани во Скопје се следеше на ЛЕД-екрани од 400 квадратни метри. Речиси секоја песна имаше посебна кореографија, своја анимација и специјални ефекти.
Хрватската пејачка на крајот кажа дека енергијата ја добива од добрите луѓе со кои се дружи и соработува, а квалитетниот сон ѝ помага за добра кондиција. Билетите за охридскиот концерт се продаваат на yournextevent.info
М. ЏАРОВСКА