МИ СЕ ОСТВАРИ СОНОТ, РЕЧЕ КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ, КОЈ ОДРЖА ФАНТАСТИЧЕН КОНЦЕРТ СО ФИЛМСКА МУЗИКА ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Фантастичен концерт одржа Кирил Џајковски сношти (15 јуни) во Националната опера и балет (НОБ), со кој прослави 25 години правење филмска музика.

Во темите што ги напиша за бројни домашни и странски филмови го следеа симфониски оркестар и хор, а диригираше Џијан Емин. Музиката на Џајковски е подлога на повеќето значајни домашни филмови. Додека ја слушавме музиката, на видеобим гледавме инсерти од „Големата вода“, кој доби награда за најдобра филмска музика на фестивалот во Валенсија, „Прашина“, „Сенки“, „Балканот не е мртов“, „Врба“, „Бал-кан-кан“, „Трето полувреме“ и многу други, што концертот го направи уште побогат.

„Долго сонував за овој концерт и среќен сум што желбата ми се оствари. Го посветувам на моите родители, кои секогаш ми беа најголема поддршка. Тие не се веќе меѓу нас, но брат ми е сѐ уште голема поддршка. Океани нѐ делат, затоа тој не можеше да дојде“, рече Џајковски при крајот, а концертот го посвети и на неговите три деца и сопругата.

„Конечно, концертот го посветувам на мојата сопруга. Ти благодарам Бранка, што со твојот ангажман помогна овој концерт да се одржи“, рече Џајковски и доби голем аплуаз и овации од публиката.

Џајковски е еден од првите композитори кој ги вметна балканските звуци во модерната електронска музичка продукција. Има настапувано на многу светски музички фестивали и настани, а ова беше негов прв концерт со филмската музика дома во Скопје. Публиката која го врати на два биса со право коментираше дека ова беше светски концерт, кој го надополнија и богати сценски ефекти.

Како вокали го следеа дел од хористите и солисти од Операта, а како инструменталци солисти гостуваа неговиот долгогодишен соработник и пријател Владимир Крстев, кој го нарече маестро, Ратко Даутовски, Антоние Весковски, Андреј Трајковски и Игор Иванов.

На крајот, Џајковски кажа дека имал среќа да работи со одлични режисери кои му ја дале довербата и ги поздрави Милчо Манчевски и Иво Трајковски, кои беа во публиката, како и Александар Поповски и Дарко Митревски. Цела публика беше на нозе и заигра на крајот со најголемиот хит „Jungle Shadow“ од филмот „Сенки“ на Манчевски од 2007.

М. ЏАРОВСКА