МИХАИЛ ПАРУШЕВ ЌЕ ГО ПРОМОВИРА АЛБУМОТ „АТЕР“ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Тапанарот и композитор Михаил Парушев на 6 октомври во 21 часот во Јавна соба во Скопје ќе го промовира музичкиот проект „Атер“ со концерт на групата „Парусион“.

„Атер“ содржи осум композиции и поврзува различни периоди од творештвото на Парушев. Во проектот има претходно создадени и необјавени композиции, како и нови верзии на постари дела. Меѓу нив се „Лулка“, „Кавалиус“, „Лукс, прв дел“, „Дебар добар дабар“ и „Таа е“, која е носечка композиција на проектот.

Дел од „Атер“ е и обработката на македонската народна песна „Во наше село, чешма шарена“, во аранжман на Парушев. На концертот ќе бидат изведени и композиции од неговите проекти „Агол“ и „Рингишпил“.

Парушев ќе настапи на тапани, Александар Бошков на гитара, Иван Иванов на флејта и саксофони, Јован Цветковиќ на пијано и Иван Бејков на бас.

„Атер“ е ретроспективен проект во кој Парушев обединува постари необјавени композиции и понови продукциски решенија. Албумот беше објавен дигитално во 2025.