МИЈАТА НИ ЈА ДОПОЛНИ ЕНЕРГИЈАТА, ВЕЛАТ ОД ГРУПАТА „БРАС БРАДРС“ ЗА НОВИОТ ДУЕТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Групата „Брас брадрс“ сними дует со кантавторката Мијата насловен „Сакав уште“ (I Wanted More). 

„Нашата нова песна е музичка симбиоза која ги спојува уникатните звуци на бендот со прекрасниот вокал на Мијата. Ни беше задоволство да соработуваме со неа, нејзиниот вокален стил ни донесе поинаква перспектива и ја дополни енергијата“, велат од „Брас брадрс“. 

Песната е најава за концертот на Мијата, кој ќе се одржи на 15 мај во малата сала на Филхармонијата во рамките на Скопски градски фестивал.

Мијата ќе одржи концерт на 15 мај во малата сала на Филхармонијата во рамките на Скопски градски фестивал (Фото: Фејсбук)

Музиката и аранжманот се на Горан Мицевски-Кус, фронтменот и тромбонист во бендот, а текстот е на Наташа Мијат Крстевска. Спотот е во режија на Сара Јазаџиска-Бибовска, а директор на фотографија е Борис Ралев. Песната е достапна за преслушување и купување на сите дигитални музички платформи.

Бендот „Брас бардрс“ постои 11 години. Покрај Мицевски, во него свират и Костадин Бетов на алт саксофон и трубачите Пере Мелов, Илија Мицев и Никола Митрев, а поддршка им е диџејот Јован Мартиновски. Групата е препознатлива по динамичните настапи во живо.