Игор Џамбазов и „Гуру Харе бенд“ вчера (19 јули) го наполнија Античкиот театар во Охрид. Актерот за првпат го донесе својот блуз на овој простор, а во Охрид со бенд одржа концерт по 27 години.
„Не знам дали е до мене или до вас, овде ме немаше никој покането да пеам толку време. А, имаме што да раскажеме Охрид и јас за сите мои лета овде, во кампот ‘Градиште”, рече Џамбазов.
Секоја негова песна е, како што рекоа со гитаристот Гуру Харе, блуз кој го живееле. „Стојаково блуз“ ја напишал за селото Стојаково кое му е сега блиску до Дојран каде што живее, а таму го запознал семејството Мандалови, наследници на револуционерот Стефан Мандалов-Манданата, кој неговиот дедо, легендарниот актер Петре Прличко го играше во филмот „Мис Стон“.

„Убав е Охрид, убав е речиси колку Дојран. Во Дојран си го најдов мирот, и едвај чекам да си одам утре наутро“, рече Џамбазов.
Се сети дека шест години по ред го водел финалето на Мис на Македонија во Охрид, и се пошегува дека имал поголеми гради од кандидатките за Мис.
„Овде се родени најголемите луѓе, Григор Прличев и браќата Миладиновци од другата страна на езерото. Со поезијата на Константин Миладинов многу се поврзав, а оваа песна како да ја има напишано за мене“, кажа актерот и ја изрецитира „Не- непијам“.
„Седум и пол години сум трезен. Газда Перо од Дојран секое утро со кафето ми става третина половина чашка од домашната ракија. Кога му велам дека не пијам, тој вели дека не ми дава ракија туку иљач“.
За песната „И племето, и семето“ Џамбазов рече дека ја напишал пред седум години, а во неа го пеел она што ни се случило пред 15 дена, откако Европскиот парламент го усвои Извештајот за напредокот на Македонија за 2023 и 2024, а во конечната верзија на текстот се отстранети сите референци за „македонскиот јазик и идентитет“.
„Овој спот е забранет по повеќето телевизии, затоа што пушам цигара во него. Сега ќе запалам една на сцената, крв да ми се стори“, рече Џамбазов.

Гости на концертот беа Тамара Тодевска, кој актерот ја претстави како најталентираната пејачка на Балканот и негово дете. Во дует ја испејаа „Гушни ме“ која Џамбазов ја напиша за Тамара и за нејзиниот школски другар Влатко Илиевски кој почина во 2018.
„Оваа песна ја напишав за 12 минути, во 7.30 наутро додека бев во тоалет, на дрвена даска. Кога Тамара ме побара и ми кажа дека итно ѝ треба текстот, мислев дека некој умрел“, рече Џамбазов.
За најголемиот хит на Тодевска, „Тажна љубов, среќна песна“ рече дека е песна како од старите фестивали, но модерна.

„Мојот втор гостин јас го викам мајсторче, а тој мене маестро. Мајстор е за правење женски деца, има 4 ќерки. Јас сум му на него како татко, а во многу ситуации, тој ми бил татко на мене“, рече Џамбазов за Никола Перевски-Пере од „Нокаут“.
Тамара и Пере го збогатија концертот, како и женските придружни вокали. Еден од најголемите македонски поп-хитови „Во бестрага“ го има напишано тандемот Перевски (музика) и Џамбазов (текст).

„Не правете пак ѕвезедно небо, ми покажавте дека знаете“, рече актерот при крај.
Во Античкиот театар одамна немало толку топла и непосредна атмосфера како на овој концерт, кој го организираше менаџерот Васко Павлески од Битола и продукцијата „Фреш јунион“.
М. ЏАРОВСКА