МУЗИЧКО-МОДНАТА ИКОНА ГРЕЈС ЏОНС ВЕЧЕРВА НАСТАПУВА ВО СКОПЈЕ, ЌЕ ЈА ПРИДРУЖУВААТ 12 МУЗИЧАРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Грејс Џонс, една од најекстравагантните и најоригинални појави во современата поп-култура, вечерва ќе го има првиот концерт во Македонија. Седумдесет и шестгодишната Џонс ќе настапи на стадионот на АРМ во Градски парк во рамките на фестивалот Скопје колинг.

Организаторот „Авалон“ најави дека американската музичко-модна икона со јамајканско потекло ќе одржи 90-минутен спектакл во придружба на бенд од 12-мина музичари. На неодамнешниот концерт во Загреб таа неколкупати се пресоблекла во впечатливи модни комбинации.

Вратите се отвораат во 20 часот, а публиката прво ќе ја загрева диџеј Индог.

Откако прво се пробила како манекенка, Џонс ја почнала музичката кариера во 1977, станувајќи една од најпрепознатливите личности на њујоршката диско сцена, за подоцна да ги прошири своите музички интереси кон реге, поп и фанк. Своите најуспешни албуми ги објави во 1980-тите, меѓу кои се истакнуваат „Nightclubbing“ и „Slave to the Rhythm“.

Паралелно градеше и актерска кариера, па глумеше и во „Поглед на убиство“ од серијалот за Џејмс Бонд.

(Фото: Фејсбук)