Битолскиот оркестар „Дива“ ги објави пејачите кои ќе настапат на традиционалниот концерт „Тоше, засекогаш во срцата“, кој ќе се одржи на 5 март во Центарот за култура во Битола од 20 часот. Хитовите на Тоше ќе ги пеат Наде Талевска, Димитар Андоновски, Ана Петановска, Бојан Стојков, Јасна Димитровска, Марија Митровска, Марија Јаковлеска и Алексеј Ивановски. Новите аранжмани ги направи Владимир Димовски, кој е диригент на концертот.
„Убаво е кога имаме некого со кого можеме да се гордееме. Тоше Проески остави многу повеќе од песни. Остави спомени, емоции и моменти што со години живеат во животите на луѓето од сите генерации“, велат од оркестарот „Дива“, кој го организира настанот во саоработка со Центарот за култура.
„Настанот низ годините прерасна во препознатлива традиција и еден од најемотивните музички проекти во Битола, кој обединува публика од различни генерации“, велат од оркестарот.
Концертот се одржува по осми пат. Билетите се во продажба по цена од 500 денари преку платформата yournextevent.info.