НЕ ЗНАЕВ ДАЛИ ЌЕ ИЗДРЖАМ ДА ЈА ДОПЕАМ ПЕСНАТА СО МАЈКА МИ, РЕЧЕ МИЈАТА НА УНИКАТНИОТ КОНЦЕРТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Во уникатен амбиент, на сцена која личеше на дневна соба, кантавторката Мијата со својот бенд и со неколкумина гости сношти одржа концерт во малата сала на Филхармонијата, во рамките на Скопски градски фестивал.

Највпечатлива гостинка беше нејзината мајка Драгица Мијатовиќ, за која Мијата рече дека ѝ ја всадила љубовта кон пеењето.

„Не знаев дали ќе издржам да го допеам ова со мајка ми“, рече пејачката, која со мајка си ја отпеа народната „Чешма шарена“ заедно со публиката.

Мијата рече дека има трема што пее со Мухамед Ибрахими (Фото: К. Попов)

„Знаете дека мајка ми потекнува од Долно Дупени, тоа често го пропагирам и таму беше мојот прв настап, на иселеничките средби како дете. Мајка ми има прекрасен глас“, рече Мијата.

Мајка ѝ ја најави по песната „Добра ноќ, добар ден“ од албумот „Вида“, која е посветена на љубовта на мајката кон детето. За една од своите најубави балади „Волшепства“, која е стара повеќе од 15 години, Мијата кажа дека, за жал или за среќа, оттогаш не напишала пољубовна песна од неа.

Гитаристот Мухамед Ибрахими исто така беше дел од гостите и за него Мијата рече дека знаела дека е одличен, но не знаела колку и оти ѝ е чест и има трема што пее со него. Во песната „Враќање дома“ гостуваше Теодора Гошева-Капсарова.

Во песната „Враќање дома“,гостуваше Теодора Гошева-Капсарова (Фото: К. Попов)

Поп-пејачката Нина Јанева исто така беше одчичен избор за гостинка, сочувана за бис, во песната „It’s Raining Man“, каде што дојдоа до израз моќните вокали на двете пејачки. Јанева остана и на самиот крај, кога во придружба на многу деца на сцената, меѓу кои и децата на Мијата, се повтори нејзиниот најголем хит „Верувам во себе“. Гости беа и Александар Пешевски на усна хармоника, Никола Стојмановиќ како вокал и Гоце Вангеловски на виолина.

Нина Јанева беше гостинка на бисот (Фото: СМАРТ СДК.МК)

„Сега сте дојдени кај мене дома, уживајте“, рече пејачката на почетокот, а целиот концерт беше музичко, вокално и визуелно уживање.

При крајот, како изненадување и замена за „Брас брадрс“, со кој Мијата неодамна сними дует, се појавија Александар Ниниќ на туба и Александар Митревски на труба.

Како замена за „Брас брадрс“, со кој Мијата неодамна сними дует, се појавија Александар Ниниќ на туба и Александар Митревски на труба (Фото: К. Попов)

Настанот го организираше „Баги комуникации“, а Мијата рече дека првпат соработува со менаџерот Владимир Мандичевски-Манде и се надева дека соработката ќе им продолжи.

М. ЏАРОВСКА