„Кроација рекордс“ го објави новиот албум на македонскиот бенд „Неш енд д рустерс“ (Nash & The Roosters), кој содржи обработки на песни од Шабан Бајрамовиќ.
Насловен „Последна молитва“ (Last Prayer), на албумот има девет песни, за кои во повеќето случаи е искористена музика на кралот на ромската песна Шабан Бајрамовиќ. Стиховите се на Неш, кој во аранжманите вметнал и кларинет, гитари и ударни инструменти, со што бендот обединил неколку музички стилови. На албумот се наоѓа и песната „Macedonian“, традиционално македонско оро во седум-осмински ритам, што „Неш енд д рустерс“ ја аранжираше на свој начин.
Албумот е сниман во студија во Торонто, Фиренца, Дубровник и Скопје.
„Албумот е наменет за публиката од целиот регион, па и пошироко. Љубителите на ромскиот мелос и етно џезот ќе уживаат“, порачуваат од „Кроација рекордс“.