Нов документарец за Ози Озборн ќе го прикаже „последното поглавје“ од неговиот живот, вклучувајќи ги и неговите подготовки за настапот на прошталниот концерт на „Блек Сабат“ во Бирмингем во јули. Сниман во текот на три години, „Ози Озборн: Враќање дома“ ја раскажува приказната за животот на пејачот и неговата сопруга Шерон (фото) додека се обидуваат да го остварат својот долгогодишен сон за враќање во Велика Британија.
Филмот ќе ги покаже и битките на фронтменот на „Сабат“ да биде во форма за да настапува, како и последиците од неговото лошо здравје. Како што вели ќерката Кели Озборн во филмот: „Железниот човек, всушност, не беше направен од железо“.
Едночасовниот филм, што ќе се емитува на „Би-Би-Си 1“ на 18 август, е раскажан преку интимен пристап до членовите на семејството Озборн.
„Кумот на хеви металот“ почина на 22 јули од срцев удар, повеќе од две недели по неговиот последен настап на стадионот „Вила парк“.
„Ози сакаше да се врати во Велика Британија и да се појави на сцена за последен пат, а нашиот филм е инспиративен и трогателен приказ за исполнувањето на тој сон“, стои во изјавата на Бен Викс и Колин Бар, извршни продуценти на филмот.
(Фото: Би-Би-Си)