Пејачот на „Ил Диво“ Карлос Марин почина на 53 години од последиците на коронавирусот, потврди неговиот менаџер. Марин бил примен во болницата во Манчестер минатата недела, поради што групата беше принудена да ја откаже божиќната турнеја низ Велика Британија и ги повика фановите да се молат за неговото заздравување.
Меѓународниот машки квартет „Ил Диво“ беше собран од Сајмон Кауел во 2003 година и се здоби со светска популарност со мешавината од класична и поп музика. Шпанецот Марин беше баритон во групата, чии членови уште се тенорите Урс Билер и Дејвид Милер и поп пејачот Себастијан Изамбард.
„Ил Диво“ објави десет албуми, продадени во над 30 милиони примероци, од кои три завршија на првото место на британската топ-листа.