Домашни музичари го отвораат 21. издание на Офф-фест, а концертите ќе се одржат во Националната опера и балет, со почеток во 20 часот.

Годинашната четиридневна програма ја отвора „Перија“, која за неколку години помина пат од улична група до настап на еден од најреномираните меѓународни фестивали во Македонија. Во тој период, групата оживуваше стари, подзаборавени македонски народни песни и почна да создава своја авторска музика, користејќи западни и источни техники на свирење.

Дуото Добрила и Дориан е проект кој ги спојува пејачката на „Чалгија саунд систем“ Добрила Грашеска и основачот на „Стринг форсис“, Дориан Јовановиќ. Лани го објавија првиот заеднички албум „Апокриф“, кој токму вечерва ќе ја има својата концертна премиера.

Во следните три дена, на Офф-фест ќе настапат музичари од Мали, Бразил, Колумбија, Италија, Зелен ‘Рт и од Гана.