Песна на Адел ќе биде отстранета од сите радија и стриминг сервиси откако судија од Бразил пресуди дека е плагијат. Кантавторот Тонињо Гераес (62) тврди дека песната на Адел од 2015 „Million Years Ago“ е копија на неговата класика „Mulheres“ од 1996, што ја отпеа бразилскиот пејач Мартињо да Вила.
Бразилскиот суд нареди песната на Адел да биде отстранета од радио, телевизија и од сите платформи за стриминг на глобално ниво. Судијата Виктор Торес донесе пресуда со која им наредува на „Сони“ и „Јуниверзал“ веднаш да престанат да ја користат, репродуцираат, уредуваат, дистрибуираат или комерцијализираат песната на Адел.
Според „Скај њуз“, случајот за плагијат првпат бил покренат во 2021. Адвокатот на Гераес, Фредимио Трота, рече дека одлуката е во корист на бразилската музика, која честопати била копирана за да се компонираат успешни меѓународни хитови.