„Подгответе си туце марамчиња. Сигурна сум дека ќе се расплачете, но не од тага, туку од среќа“, рече Калиопи на прес-конференцијата по повод трите акустични концерти, кои ќе се одржат на 14 ноември, 6 и 7 декември во Филхармонијата.
Таа најави дека концертите ќе бидат нешто посебно и ќе има многу изненадувања зашто досега немала акустичен концерт во оваа сала.
„Ќе бидат збогатени со дувачи и гудачки квартет, а за репертоарот ништо нема да зборувам, тие што ќе дојдат сами ќе видат“, кажа Калиопи.
Таа додаде дека ѝ е драго што последнава година и пол соработува со продукцијата „Прагма“, кои ѝ ги организираат концертите. Последниот беше во салата „Борис Трајковски“ во октомври 2024.
„На почетокот се мирисавме со продукцијата како мачки пред да сфатиме дека можеме да си веруваме еден на друг. Јас сум перфекционист и моите соработници во Босна и Херцегодина велат: ‘Не дај боже нешто да ѝ згрешиш на Калиопи во работата, ќе те згази затоа што е голем професионалец‘“, рече таа.
За нејзиниот продуцент и поранешен сопруг Ромео Грил рече дека е секогаш подготвен за нови песни и има инспирација. Во 2027 ќе излезе новиот албум на Калиопи во соработка со Грил.

„На 30 октомври во Белград ќе промовираме нова песна, а до крајот на годината уште една“, додаде Калиопи.
Менаџерот Кристијан Стефановски од „Прагма“ ѝ се заблагодари што ја поддржува македонската музика и што прифатила да биде гостинка на концертот на Слаткаристика и Тони Зен.
„По првиот концерт на Калиопи сигурно ќе закажеме и четврти. Чекаме термин, а за петти ќе видиме понатаму“, најави Стефановски.
Калиопи рече дека останала приземна сите овие години затоа што родителите така ја воспитале.
М. ЏАРОВСКА