ПОЛ САЈМОН ГО ОДРЖА ПОСЛЕДНИОТ КОНЦЕРТ НА ПРОШТАЛНАТА ТУРНЕЈА

Њујорк, (АП)

Пол Сајмон го одржа последниот концерт од својата проштална турнеја, кажувајќи им на фановите во њујоршки Квинс дека нивните овации му значат повеќе отколку што можат да замислат.

Седумдесет и шестгодишниот кантавтор настапи во паркот Флашинг медоус, за кој кажа дека се наоѓа на 20 минути возење со велосипед од местото кадешто пораснал, завршувајќи ја вечерта со песната која стана заштитен знак на неговата повеќедецениска кариера „Звукот на тишината“.

Сајмон вели дека ова не значи дека оди целосно во пензија и не ја отфрли можноста одвреме-навреме да настапува во иднина. Но, ова беше последен пат да оди на турнеја, што претходно го најавија и Елтон Џон и легендарните хардрокери „Кис“.

„Пол Сајмон е еден од најголемите уметници во историјата на Њујорк“, кажа градоначалникот Бил ДеБлазио пред почетокот на концертот.

Сетот од 26 песни ги опфати сите периоди од повеќе од 50-годишната кариера, а неговиот долгогодишен музички партнер Арт Гарфанкл беше спомнат само преку носталгични фотографии што се прикажуваа на видео-бимот.