ПОРАСНАВ ВО ТОПАНСКО ПОЛЕ И НЕ СУМ СЕ ШКОЛУВАЛ ВО ЕЛИТНА МУЗИЧКА ШКОЛА ВО СТРАНСТВО, АМА СИМПАТИЧЕН МИ Е МОЈОТ ЖИВОТЕН ПАТ, ВЕЛИ ЏИЈАН ЕМИН

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Ова беше редок случај на ваков спој на афробит со џез оркестар, може да се каже ретко и во светски рамки“, вели диригентот Џијан Емин по концертот на Националниот џез оркестар и познатиот нигериски музичар, текстописец, пејач и саксофонист Шеун Кути, кој се одржа во рамките на Охридско лето на 10 август.

„Пред 7 години имавме концерт со Филхармонијата и Феми Кути, кој е постариот брат на Шеун Кути, во Градскиот парк во Скопје, пред повеќе од 10.000 публика. Истата година настапивме и во Белград со Филхармонијата, пред повеќе од 20.000 луѓе“, ни рече диригентот. 

Џијан Емин вели дека бил инспириран од успехот на тој проект, во кој учествувале и дел од членовите на сегашниот џез оркестар, и дал предлог да создадат проект со Шеун Кути, кој има номинација за Греми, и е продуцент на последниот албум на Лени Кравиц.

„Формацијата биг бенд овојпат беше надополнета со две гитари, дополнителни четири перкусионисти, солисти и вокална група. Покрај целиот џез оркестар на сцената се појавија и Петар Христов на уд, лира и кларинет, Оливие Самујан на виола, Антоние Вескоски на маримба, вибрафон и тапан кои со своето учество придонесоа музиката да добие друга димензија. Бидејќи музиката е базирана врз основа на африкански ритмови, беа неопходни перкусионистите Давид Георгиев, Бојан Анакиевски, Павел Ренџов и гитаристот Андреј Петровски. Вокалната група беше составена од нашите еминенти вокални солистки: Калина Велковска, Полина Тасева и Светлана Јовановска.

Заедно со Шеун Кути и неговата придружба, на сцената бевме 30 музичари. Од музички апсект гледано, целиот концерт e базиран на музика за танц и репетирачките ритмички тесктури, надополнети со биг бенд дувачката секција, каде речиси секој учесник имаше дел за соло, воден од гласот на разумот Шеун Кути на кој одговараше вокалната група. Имавме доста интензивен концерт со наплив на многу силна енергија“, вели Џијан Емин.

Тој е среќен што публиката ги наградила со силни аплаузи, и на крајот стоечки овации, и вели дека свиреле пред 1.500 луѓе и првпат го видеч „Долни Сарај“ толку полн.

„По концертот видов многу насмеани  и среќни лица благодарни што успеавме да приредиме ваков концерт. Тоа за мене е најголемата награда, бидејќи единствено публиката е најреалниот и искрен фактор. Не можеш да ја излажеш“, додава Емин.

Од концертот на Националниот џез оркестар и нигерискиот музичар, текстописец, пејач и саксофонист Шеон Кути, кој се одржа во рамките на Охридско лето (Фото: М. Аргакијева)

Диригентот и хорнист вели дека не ја знае точната бројка на концерти која ја имаат реализирано како Здружение на џез музичари (ЗЏМ), но минатата сезона како Национален џез оркестар (НЏО) имале 26 концерти, летна турнеја во Хрватска, концерт на отварање на Џез фестивал во Загреб, отварање на Џез фестивал во Сараево, концертно гостување во Тирана, што не е малку како што вели Емин за прва сезона на една нова институција.

„Оваа година како гости имавме неколку сериозни уметници од музичкиот свет како Дони Мкаслин, Марија Мендеш со која се оствари и концерт во Сплит, Пиер Миле, Зиги Фајгл, Владимир Николов и следат уште многу“, вели диригентот.

Во однос на правењето на репертоарот и програмата, Џијан Емин вели дека секој член на оркестарот има право да предложи проект, солист, диригент или идеја. Потоа сите идеи се ставаат на едно купче и се одлучува кои предлози ќе влезат во потесниот избор. Директорот, како и во сите институции ја има одговорноста и носи финална одлука, по што програмата  ја претставува пред управниот одбор кој ја одобрува или не ја одобува.

„Така имаме неколку филтри и се трудиме да гледаме на работите објективно и со тоа да имаме различен тип на програма со цел да се привлече и да се задржи вниманието на публиката, без која не би ни постоеле“, кажа Емин.

Во 2023 се најави новиот простор за оркестарот во Операта, а тој се надева дека ќе биде готов до крајот на годинава.

„Просторот кој ни е доделен од Министерство за култура е старата килимара, која се наоѓа во состав на Нациооналната опера и балет. Тоа е простор кој има околу 500 м2, во кој ќе бидат сместени административниот дел на оркестарот, ќе има неколку гримиорни, музичко студио и голема просторија која ќе се користи за вежбање и снимање. Сите со нетрпение го очекуваме завршувањето на просторот, за да почнеме уште посериозно да се занимаваме со подигнување на нивото, создавање на нови дела, авторски изданија, создавање нови потенцијални кадри, одржување на мастер класови, камерни концерти. Кусо кажано, започнување на една културна платформа. Се очекува просторот до крај на оваа година да биде финализиран и подготвен за употреба“, вели Џијан Емин.

Тој најавува концерт на џез оркестарот на 1 октомври со еден од најиновативните гитаристи од џез светот денес, Курт Розенвинкл. Потоа заедно со Зиги Фајгл и Луис Бонила ќе имаат настап на овогодинешното издание на Скопскиот џез фестивал. Нешто што според него мора да се спомене е концерт на легендарните „Јелоу џакетс“, а во план се и концертни настапи во Виена, Прага и Нови Сад. Ќе има и концерти со студентите од домашните Универзитети кои имаат афинитет кон џез музиката и новогодишни концерти.

„Следен мој проект е издавање на неколку различни албуми, кои поради презафатеност во изминатиот период не успеав да ги реализирам. Во октомври ќе имам настап со Луксембуршката филхармонија, на инагурацијата на новиот Голем војвода на Луксембург, потоа концертни настапи со оркестри во Торино, Загреб и Приштина“, најавува Емин.

Диригентот вели дека тој никогаш немал „никаков спектакуларен план за кариера, ниту било каква стратегија како ќе се одвива или развива неговиот животен пат.

„Благодарен сум што можам да се занимавам со музика цел живот. Имав можност да бидам дел од неверојатни проекти, да бидам дел од фантастични музички групи како клавијатурист или гитарист, 25 години прв хорнист на  Филхармонијата, две години прв хорнист на Белградска филхармонија, неколку години прв хорнист на ‘Но бордерс оркестра’ кој е составен од најдобрите музичари од поранешните југословенски републики, 10 години прв хорнист на ‘Фејмс’ оркестарот за филмска музика. Имав можност да соработувам со големи имиња од светската сцена, добитници на Оскари, Греми награди, како оркестратор и аранжер на многу филмски остварувања од светската кинематографија, да работам на некои од најголемите светски проекти за видеоигри. Како композитор, аранжер  и оркестратор, имав прилика да соработувам со водечките светски уметници од светот на електронската музика. Како диригент од Македонија, имав можност да диригирам со различни оркестри на три контиенти, со оркестри од А класа.

Од оваа гледна точка, ако се земе предвид дека сум пораснат во Топанско поле, а притоа не сум се школувал во некоја од елитните музички школи во Европа или Америка, ми се гледа симпатичен мојот музички животен пат.

Дали имало непријатни ситуации, пречки, предизвици, жртвување, компромиси? И тоа како. Дали сѐ уште има? Има повеќе од било кога. Сите сме сведоци на македонскиот менталитет кој како да е генетски предодреден и создаден да има неверојатна креација и сила, а притоа да го храни и да ужива во своето самоуништување. Ќе го цитирам татко ми кој за овој феномен кажува : ‘Среќа те гледа, ѓаво ти је неда“, вели Емин.

Додава дека како народ и менталитет не пораснавме и не научивме да сме среќни со самите себе, нешто што е неопходно за да можеме да бидеме среќни и со другите.

„За жал, уште сме заглавени со муабетот за козата и комшијата и малодушното уживање во крадење и недозволување на туѓата среќа. Од друга страна гледано, најверојатно, цело ова чудесно опкружување има силна моќ и можеби е провокација и тест да не отстапиме, туку да се бориме со ниските морални и етички стандарди, суетната плиткост, себичноста во размислувањето и немањето подлабока визија за постоењето на оваа планета воопшто. Денес посилно од било кое време од историјата, доброто и злото се извртени до тој степен што не можат да се препознаат. Јас ќе продолжам да го правам тоа што ме прави среќен, со надеж дека можеби барем еден, двајца во публика по концерт ќе си отидат дома насмеани, полни со среќа, љубов и убава енергија“, ни рече диригентот на НЏО.

М. ЏАРОВСКА 

Фото: М. АРГАКИЈЕВА