„ПРЉАВО КАЗАЛИШТЕ“ СТАНА „ХОУРА ГРУПА“

Загреб, (Индекс)

Откако со судска одлука им беше забрането да ги користат името „Прљаво казалиште“ и прекарот „Прљавци“, двајцата најпознати членови на хрватската рок група почнуваат да настапуваат под ново име. На фестивалот „Фјужн“ во Сплит, пејачот Младен Бодалец и гитаристот Јасенко Хоура ќе го промовираат својот нов проект „Хоура група“, откако претходно беше најавен настапот на „Прљаво казалиште“.

„Не смеам да коментирам ништо додека процесот е во тек. Не знам што ќе биде понатаму, глупо е да нагаѓам“’, изјави Хоура откако Трговскиот суд во Загреб му забрани да го користи славното име на групата.

Еден од најдолговечните бендови од бивша Југославија се растури по 45 години откако се скараа неговите основачи Хоура и Тихомир Филеш, кој е сопственик на печатот и името на групата. Тој појасни дека нивните односи се влошиле откако Хоура пред една година почнал самоиницијативно да работи на нов албум без него и Бодалец.