Рап дуото „Пука козметика“ ќе прослави 30 години со концерт и документарен филм на 13 декември во Младински културен центар (МКЦ) од 19:30 часот.
Браќата Дарко и Жарко Масларковски велат дека нивната музичка приказна почнала на училишна приредба во „ОУ Лазо Ангеловски“, кога биле осмо одделение.
„Заедно со нашите другари Мартин и Видо се договоривме да направиме рап група. Ние веќе имавме рап група со Зоки Шуиц од одделението која се викаше ‘Усијани глави’, Видо и Марчо имаа своја и некако спомнавме дека сме рапери кои можат да направат нешто заедно. 1996 е реално нашата година, ама со брат ми се караме веќе три децении и му попуштив овојпат бидејќи во децении година-две не менуваат многу“, вели Жарко Масларковски.
Неговиот брат Дарко вели дека многу убави моменти им дале рап музиката и животот.
„Рапот нѐ направи борци без влакна на јазикот. Најдобри моменти од овие 30 години ни се кога бевме предгрупа на Баста Рајмс и дружењето со легендите зад сцената“, вели Дарко Масларковски.
За јубилејот, Жарко Масларковски вели дека им е план да започнат со приказната за „Пука козметика“ во кино Фросина, па слушачка промоција на нивната прва плоча, за настанот да заврши со концерт на „Пука козметика“ и другарите.
„Како и секогаш низ животот, шанса ќе добијат квалитетни млади артисти, секако наши другари и соработници низ овие години. По 13 декември се влегува во студио и се снима нов албум и се организира голема турнеја низ цела Македонија. Се надеваме дека ќе поминеме барем 15 града“, додава Масларковски.
М. ЏАРОВСКА