Жељко Бебек, рок легенда најпозната како пејач на групата „Бијело дугме“ но и како солист, е годинашниот добитник на Златна бубамара за животно дело, соопшти манифестацијата чие 25. издание ќе се одржи на 12 мај во арената „Борис Трајковски“, а мотото ќе биде „Да живнеме!“.

„Со ‘Бијело дугме’ Бебек сними 12 албуми кои се основа на антологијата на ексју рок-музиката. Уште во време на постоењето на ‘Бијело дугме’ тој сними и неколку соло албуми, чија популарност не беше ни приближна на онаа постигната со хитовите на ‘Дугме’. Според општата оценка на музичката критика, Бебек на секоја песна на ‘Бијело дугме’ ѝ даде единствено доживување што никој друг пејач не успеа до го постигне. Откако ја напушти групата сними 14 албуми, од кои излегоа некои големи хитови, кои го потврдуваат и натаму неприкосновениот примат на Бебек како еден од најдобрите машки вокали во поширокиот регион“, велат од Златна бубамара во образложението за наградата.

Роден во 1946 во Сараево, Бебек уште во училишните денови научил да свири на мандалонина, па потоа и на гитара. Во гимназија почнал да пее со групи, прво со „Ехо 61“, чиј член бил Корнелије Ковач. Во 1960-тите години преминал во групата „Кодекс“, една од позначајните сараевски групи во тоа време. Во 1969 се сретнале со Горан Бреговиќ и почнале да настапуваат заедно во Италија. По ова релативно неуспешно искуство, Бреговиќ и Бебек во 1972 ја создаваат групата „Јутро“, која во 1974 е преименувана во „Бијело дугме“, една од најголемите групи во рок историјата на бивша Југославија.