Една од најуспешните шведски поп-групи „Роксет“ најави враќање на сцената со нова пејачка, пет години по смртта на Мари Фредриксон. Основачот на дуото Пер Гесле објави дека закажале турнеја во Австралија во 2025, но дека ова не значи повторно измислување на „Роксет“.
„Смртта на Мари тешко нѐ погоди сите, беше болна долго време, од 2002. Бевме подготвени за тоа, но беше многу тешко и не знаев како навистина да продолжам“, вели Гесле.
Тој додаде дека по смртта на Фредриксон ги разгледал сите опции и дали е во ред да се доведе друга пејачка.
„Сакам да бидам јасен: целта не е да се замени Мари, туку ова е оддавање почит на хитовите на ‘Роксет‘ пред публиката што ги знае и сака. Не почнувам нов ‘Роксет‘ или нов бенд“, кажа Гесле.
Покрај него, за вокалите ќе биде задолжена неговата долгогодишна соработничка Лена Филипсон.
„Таа ми е пријателка од 1980-тите и е извонредна пејачка. Мислам дека совршено ќе одговара за овој проект“, кажа тој.
„Роксет“ објави десет албуми од 1986 до 2016, и покрај тоа што Фредриксон долго време се бореше со тешката болест.