Легендарниот бразилски метал бенд „Сепултура“ објави дека следната година ќе тргне на проштална турнеја која ќе го покрие целиот свет. Турнејата ќе се совпадне со 40-годишнината од основањето на групата.
Почнувајќи во март, „Сепултура“ ќе помине 18 месеци на турнеја, на која за последен пат ќе се слават минатото и сегашноста на групата. Европскиот дел почнува на 30 октомври во Париз, но засега нема најава дека ќе биде опфатен и балканскиот регион. Во Македонија гостуваше во 2014.
„Во четири децении исполнети со подеми и падови, при што посетивме над 80 држави и запознавме безброј култури, имавме можност да станеме гласници на Бразил и да ги шириме нашите ритми низ цел свет. Ќе ги обединиме нашите сили за едно последно, силно збогум“, соопшти групата.
За време на турнејата ќе бидат снимени 40 песни во 40 различни градови, што ќе биде преточено во огромна компилација.
„Сепултура“ беше основана во 1984 од браќата Макс и Игор Кавалера, кои веќе долго време не се во групата. Има објавено 16 студиски албуми, од 1998 со американскиот пејач Дерик Грин.
(Фото: Фејсбук)