Францускиот пијанист Давид Фре ќе биде солист на вечерашниот концерт на Филхармонијата (20 часот) насловен „Златните раце на Фре“. Диригент е Конрад фан Алфен од Холандија, а на програмата се Концерт за пијано и оркестар бр. 2 од Фредерик Шопен и Втората симфонија од Роберт Шуман.

Критичарите за Фре велат дека е „совршен пример за музичар кој размислува“. Французинот постојано е активен на светската музичка сцена како солист и рецитален и камерен пијанист.

„Давид Фре е препознатлив и уникатен пијанист, а пред македонската публика ќе го изведе романтичниот Концерт за пијано и оркестар број 2 од Шопен. Ова дело ја интегрира сета романтичност присутна во севкупниот опус на овој полски композитор. Во писмо до пријател, Шопен признал дека бавниот втор став е инспириран од Констанца Гладковска, младата пејачка со која учел на Конзерваториумот во Варшава и во која бил вљубен“, најавува Филхармонијата.