„СИНТЕЗИС“ ЈА ПРОМОВИРАШЕ МАКЕДОНСКАТА МУЗИКА НА ФЕСТИВАЛОТ „ЕДЕН СВЕТ, ЕДНО СЕМЕЈСТВО“ ВО ИНДИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Етно групата „Синтезис“ одржа концерт во Индија, на Културниот фестивал „Еден свет, едно семејство“, кој се одржа во Муденахали во државата Карнатака.

„Вечерва патуваме во срцето на Македонија. Реномираниот бенд ‘Синтезис’ настапи со инструменти како гајда, тамбура и тапан, спојувајќи ги безвременските традиции на македонскиот фолклор со современата уметност. Нивниот настап содржеше моќни ритми и вокали кои ги славеа идентитетот, единството и хармонијата, потсетувајќи нè на врските што го поврзуваат човештвото кога се обединуваме во добрина“, стои на фејсбук страницата на фестивалот.

Настанот ќе трае до 23 ноември, а целта е да се обединат различни култури и традиции. Го организира хуманитарната мисија „Еден свет, едно семејство“.

„Синтезис“ на 25 септември 2024 одржа јубилеен концерт во Филхармонијата, на кој прослави 30 години постоење. Гостуваа Наум Петрески, кој заедно со групата ја отпеа „Ој девојче“, Влатко Стефановски и оперскиот пејач Борис Трајанов, кој ја изведе „Божја невеста“, единствената авторска вокална песна на „Синтезис“.

Фото: „Еден свет, едно семејство“