СИТЕ ГО БАРАМЕ МОСТОТ КОН НЕШТО ПОДОБРО – СТИНГ СЕ ВРАЌА СО НОВ АЛБУМ НА 70 ГОДИНИ

Лондон, (АФП)

Стинг се враќа со нов албум на 70 години, додека признава дека многу го загрижува она што го гледа низ светот.

„Во светот владее многу опасна политичка клима, во која работничката класа е напуштена од она што го нарекуваат елита. За мене, брегзит е лична трагедија. Тажен сум за мојата земја. Знаевме дека ќе биде катастрофа и мора да го прифатиме тоа, но јас не сум среќен“, вели Стинг.

Тој исто така не го разбира скептицизмот кон вакцините.

„Јас не се двоумев да се вакцинирам. Би сакал публиката на моите концерти да биде вакцинирана, но никого нема да принудувам“.

Неговиот 15. студиски албум „Мост“ излегува в петок. Снимен е за време на карантините во Европа, со музичари на различни локации, додека тој бил во својот дом во Лондон.

„Сите луѓе за кои пишувам се во некаква транзиција. Сите бараме излез од ова мочуриште, сите го бараме мостот кон нешто различно и поудобно“.

Планира да ги одработи сите настапи откажани поради пандемијата.

„Мора да си ги исполнам обврските. Тоа би можело да трае 18 месеци. Но, тоа е мојот живот, на турнеја сум од 1976“.

Стинг има шест деца од двата брака и најголем дел од нив тргнаа по неговите уметнички стапки: две деца се актери, две се музичари, а едно е филмаџија. Најмладиот син, сепак, сака да биде полицаец.

„Тој ми вели: ‘Сите вие сте креативни, јас сакам да правам нешто корисно‘“.