ПО НАГРАДИТЕ ВО САРАЕВО, „НЕМА ДА БИДЕ КРАЈ НА СВЕТОТ“ НА НИНА НИКОЛИЌ НА 24 НОЕМВРИ ВО МНТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Скопската премиера на „Нема да биде крај на светот“ од авторот Аднан Лугониќ, во режија на Нина Николиќ, е закажана на 24 ноември на малата сцена во Македонскиот народен театар (МНТ), како дел од 46. Млад отворен театар. Премиерата беше на 18 септември во Сараевски ратни театар (САРТР).

Претставата со три лика (Дарја Ризова како Маша, Саша Ханџиќ како таткото и Џана Џаниќ како Нина) се игра на македонски и на босански јазик. Како креативни соработници се потпишуваат: Ивана Каранфиловска-Угуровска (костими), Ангел Петровски (сценографија), Оливер Митковски (избор на музика и адаптација) и Ѓорѓи Јолевски (соработник за македонски јазик).

„Нема да биде крај на светот“ на последното фестивалско претставување во Босна и Херцеговина освои четири награди: за режија, најдобри актерка и актер и за актерска игра. Следните изведби се закажани на 25 и 26 ноември.