СКОПЈЕ КОЛИНГ СЕ ОТВОРА СО ШОУТО НА „ЛАЈБАХ“, ЌЕ ИМА СЕДУМЧАСОВНА МУЗИЧКА ПРОГРАМА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Седумчасовна музичка програма е најавена за годинашното издание на фестивалот Скопје колинг, што ќе се одржи на стадионот на АРМ во Градски парк в петок. Ова е еден од двата настана на кои „Авалон продукција“ одлучи да се фокусира ова лето, при што Скопје колинг е опишан како пософистициран фестивал за сите генерации, додека петвечерниот Охрид колинг е покомерцијален и повеќе наменет за младата публика.

Кој кога ќе настапи в петок, дополнително ќе биде објавено. Првиот човек на „Авалон“, Бобан Милошески, само откри дека отворањето ќе биде со музичко-визуелното шоу на „Лајбах“ некаде по 21 часот. Покрај легендарниот словенечки бенд, во програмата се и Констракта, „Ниплпипл“, „Буч Кесиди“ и руската техно ѕвезда Нина Кравиц.

„Лајнапот е за публика од седум до 60-70 години, ако имаме предвид дека публиката на Констракта и ‘Буч Кесиди‘ е помлада, а публиката на ‘Ниплпипл‘ и Нина Кравиц е од средни години. Продукциски, сè ќе биде на највисоко светско ниво“, кажа Милошески.

Од „Авалон“ информираа дека досега се продадени повеќе од 5.000 карти и појаснија зошто оваа година нема да настапи ниеден домашен бенд.
„Прво сакавме да правиме дводневен фестивал, но немаше можност изведувачите да се поделат во два дела. Кога се одлучивме за еден ден, овие учесници веќе беа букирани за петок и немаше каде да се вметне уште некој во периодот од 21 до четири часот“, кажа Милошески.

Г. КОНЕВ