СО „РЕКВИЕМ“ НА МОЦАРТ СЕ ОТВОРА НОВАТА СЕЗОНА ВО ОПЕРАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва (3 октомври) од 20 часот, Националната опера и балет ќе ја отвори новата сезона 2025/26 со „Реквием“ од Волфганг Амадеус Моцарт. „Реквием“ е последното и недовршено дело на Моцарт, создадено во последните месеци од неговиот живот.

Солисти ќе бидат Биљана Јосифов (сопран), Николина Јаневска (мецосопран), Јане Дунимаглоски (тенор) и Владимир Саздовски (бас). Сценографијата е на Марија Ветероска.

„Заедно со оркестарот и хорот на Националната опера и балет тие ќе создадат незаборавно музичко доживување кое ќе го означи почетокот на новата сезона. Под диригентската палка на италијанскиот диригент Џанлука Мартиненги, македонската публика ќе има можност да присуствува на извонредна изведба на дело што ги отсликува генијалноста, длабочината и духовната сила на Моцарт“, велат од Националната опера и балет.