СРЕЌНА СУМ ШТО ПЕЕВ ВО МЈУЗИКЛОТ „ИСУС ХРИСТОС СУПЕРСТАР“ ВО ШВЕДСКА, ВЕЛИ ОПЕРСКАТА ПЕЈАЧКА МИЛАНКА НОВЕСКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонската оперска пејачка Миланка Новеска-Густавсон дебитираше во мјузиклот „Исус Христос суперстар“ во Шведска во улогата на Марија Магдалена. Новеска-Густавсон, која е добитничка на кралската стипендија „Johanneslogen Erik“, веќе три години живее во Шведска.

„Многу се радувам што имам можност да настапувам во различни музички стилови како што е мјузиклот затоа што на тој начин ми се збогатува вокалното познавање и можат да се искористат сите можности на гласот. На настанот имаше премногу луѓе, кои беа воодушевени од продукцијата и имаше коментари дека е голема среќа што не мора да одат до Бродвеј за да слушнат нешто толку квалитетно. Продуцентката на настанот Јоана Елизабет Мартел ми рече дека сум успеала да се надминам себеси“, вели Новеска-Густавсон.

Новеска со кралицата Силвија, која ѝ ја додели оперската стипендија и со кралското семејство (Фото: М. Гардер)

На 25 мај, таа ќе настапи како солистка во Музичкиот квартет во Стокхолм на концерт во големата сала. Вели дека ѝ се радува на премиерата на танц операта „Аенигмата“ на 14 јуни, а во јули ја очеува настап во Берлин.

Лани во јуни, шведската кралица Силвија го пофали настапот на македонската оперска пејачка.

„Настапив на церемонија во палатата Дротнингхолм, која беше организирана како прослава на нашите кралски стипендии. Настапив со сцена од операта ‘Магичната флејта’ од Моцарт. Кралицата ни ги додели стипендиите и разговаравме за важноста на поддршката за уметници со потенцијал. Беше воодушевена од мојот настап и ми пристапи да ми честита“, ни рече Новеска тогаш.

Во Стокхолм се преселила поради работата и нејзиниот сопруг, кој е Швеѓанец.

М. ЏАРОВСКА