Српската група „Буч Кесиди“ е третиот потврден учесник на 24. издание на фестивалот Таксират, што ќе се одржи на 7 декември во арената „Борис Трајковски“ во Скопје. Тоа ќе биде прв настап на ова дуо на Таксират, но не и во Скопје.
„Буч Кесиди“ доаѓа од Панчево и во изминатите години се промовираше во еден од највозбудливите регионални бендови. Формиран во 2013, бендот го сочинуваат гитаристот Лука Рациќ и тапанарот Зоран Зарубица, кои истовремено се и вокали.
„Буч Кесиди“ се опишува себеси како „леворак диско/поп-рок/електро бој бенд“, а досега има објавено два студиска албума.
Покрај „Буч Кесиди“, на Таксират доаѓаат и германските метал легенди „Содом“ и шпанскиот бенд „Ла Пегатина“.