„СУПЕРХИКС“ ГО ПРОМОВИРАШЕ НОВИОТ АЛБУМ НА ПЛОЧА, НА КРАЈОТ НА ГОДИНАТА ИЗЛЕГУВА И БИОГРАФИЈА ЗА БЕНДОТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Сила и нервоза“, новиот албум на „Суперхикс“ кој излезе лани, денеска (28 мај) беше промовиран во винил издание. Плочата е со тираж од 200 примероци засега, а фронтменот на бендот Петар Младеновски-Пеце се надева оти ќе се печати и нов.

„Албумот се снимаше во периодот од 2020 до 2024, парцијално, чекор по чекор, евро по евро. Бурето на омотот е буре што ќе експлодира, а тоа сме ние“, рече Младеновски на слушачката промоција во Скопје и се пошегува дека бендот е банкрот.

На албумот има 11 песни.. На промоцијата зборуваше музичкиот хроничар Тошо Филиповски, кој најави дека пишува биографија за „Суперхикс“.

„Она што сакам да го најавам е дека подготвувам нова книга, која ќе излезе кон крајот на годинава, а тоа е биографија за ‘Суперхикс’, бенд кој по 30 години заслужува да има една книжевна форма на целата кариера. Тоа е мој завет кон нив, моја благодарност, да го ставиме во книга за сите генерации она што за 31 година го направиле, а сум бил сведок на буквално сѐ што работеле“, рече Филиповски.

Албумот е сниман во студото „Тра ла ла“ на продуцентот Мите Димовски, а издавачи се „Кичма рекордс“ и „Корпус деликти рекордс“.

М. ЏАРОВСКА