Повеќе од 20 концерти и журки ќе се одржат во рамките на ПИН музичката конференција, со која и официјално ќе се отвори 20. издание на фестивалот Таксират.

„Денови на Таксират #20“ почнува на 29 ноември, при што е најавено дека на конференцијата ќе учествуваат повеќе од 100 говорници и делегати од цела Европа, што вклучува претставници на големи европски фестивали, музичари, промотери, менаџери и други професионалци од музичката индустрија.

Таа ќе биде проследена со настапите на низа домашни и странски музички имиња, како Горан Трајковски, Егоритмија, „Дупер“ (Македонија), „Ја-нек“ (Полска), „Лабес“ (Франција), „Жен“ (Хрватска), Катја Шулц (Словенија), „Вера Јонас експеримент“ (Унгарија), Рут Колева (Бугарија)… и оваа листа уште ќе се дополнува.

„Денови на Таксират #20“ ќе трае до 8 декември, кога е главната вечер на фестивалот, за која досега е потврден шведскиот инди-рок бенд „Манди дијао“. Првичната цена на билетите е 500 денари.