Техно-дивата Нина Кравиц во јули ќе го има првиот настап во Македонија, во рамките на фестивалот „Грин бич“, објави организаторот „Пасворд продукција“.
Руската пејачка, диџејка и музичка продуцентка ја понесе престижната титула најдобар светски диџеј за 2017 година, во изборот што го спроведува магазинот „Миксмег“.
Настапот на харизматичната Кравиц е закажан за 27 јули, но точната локација сѐ уште не е објавена, освен дека ќе биде на охридско-струшкото крајбрежје. Фестивалот досега редовно се одржуваше во Охрид, но по ланските организациски проблеми, беше најавено дека ќе ја смени локацијата.
Нина Кравиц досега има издадено два албума, редовно настапува на најголемите техно-фестивали, а од 2014 година води и своја издавачка куќа.