Ед Ширан ѝ се придружи на Тејлор Свифт на сцената на стадионот „Вембли“ во Лондон откако таа го почна последниот дел од својата мегауспешна светска турнеја „Ери“. Изведувајќи мешавина од двете песни што ги имаат снимени заедно, Свифт му се заблагодари на „најдобриот пријател“ Ширан што настапи со неа пред 92.000 фанови.
Ова беше првиот настап на 34-годишната Свифт откако беа откажани нејзините три концерти во Виена поради закана од терористички напад. Таа не ја спомна Виена на „Вембли“, ниту, пак, досега јавно се огласи за овие настани.
Распродадените концерти во Виена беа откажани во последен момент откако австриските власти уапсија двајца тинејџери кои планирале да изведат напад пред стадионот „Ернст Хапел“. Поради засилените безбедносни мерки во Лондон, на фановите сега не им беше дозволено да се собираат пред стадионот, како што вообичаено прават.
Свифт пееше повеќе од три часа, а пред крајот на концертот, на бината излезе Ед Ширан, чие гостување било чувано во тајност до последен момент.
„Ова е еден од моите најдобри пријатели на светот. Тој работи многу напорно и самиот е на турнеја моментално, но сакаше да дојде и да настапи со мене“, кажа Свифт, која ќе одржи пет концерти во Лондон.
(Фото: Гети)