Серија бесплатни концерти стартува вечерва во Младински културен центар во Скопје, како увертира во 21. издание на фестивалот Таксират.

Програмата е исклучително богата, па во наредните три вечери ќе има дури 24 концерти на музичари и бендови од цела Европа, сето тоа во рамките на ПИН музичката конференција, на која, како што кажува и името, ќе има и панел дискусии со голем број домашни и странски говорници.

Ова е можност македонската публика да се запознае со некои нови имиња од европската музичка сцена, а по искуството и статусот отскокнува култната словенечка група „Боргезија“, која вечерва од 22:45 часот ќе го има првиот настап во Македонија по повеќе од две децении.

Денеска уште ќе настапат чешката џез пијанистка Бара Змекова (20:45) и српскиот џез/соул музичар Марко Луис (21:45).

Од утре, концерти ќе има и во Денсинг салата и во кино Фросина, но и на посебен стејџ во тоалетите на МКЦ.