ТРОЈЦА МЛАДИ МУЗИЧАРИ ЌЕ БИДАТ СОЛИСТИ НА КОНЦЕРТОТ „ИЗВОР“ НА ФИЛХАРМОНИЈАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Извор“ е насловен концертот на Филхармонијата на 2 ноември, кој е посветен на 60 години Музичка младина на Македонија. Ќе диригира Борјан Цанев, а како солисти ќе настапат младите инструменталисти Магдалена Дрмач – виолончело, Леонардо Димоски – виолина и Гоце Златев – пијано.

На програмата се „Водич низ оркестарот за млади“ од Бенџамин Бритн, Симфониски варијации за виолончело и оркестар од Леон Боелман, Капричо-Етида во форма на валс од Сен Санс и „Рапсодија на тема од Паганини“ од Сергеј Рахмањинов.

Димоски е роден во 2004 во Битола. Музичкото образование го започнал на шестгодишна возраст во ООМУ „Ордан Михајлоски-Оцка“ во Прилеп во класата на проф. Оливера Гемту и проф. Ванчо Стоилков. Во 2023 почна да студира во Виена. Учесник е и добитник на бројни награди на државни и меѓународни натпревари.

Гоце Златев, Магдалена Дрмач и Леонардо Димоски

Дрмач е родена во 2006. На осумгодишна возраст почнала да свири виолончело во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје во класата на професорката Александра Јаневска. Од 2015 до 2023 учествувала на многу натпревари од меѓународен, државен и регионален карактер. Во 2021 е лауреат на фестивалот Отворена Европа во Москва. Истата година првпат настапи со Македонската филхармонија. Во 2022 ѝ е доделена наградата за најдобар ученик од гудачкиот оддел во „Илија Николовски-Луј“.

Златев е роден во 2006. Основното музичко образование го започнал во Штип на осумгодишна возраст во класата на проф. Гоце Костадинов, а од 2017 учи во „Илија Николовски-Луј“ во класата на проф. д-р Славица Мицовска-Смилевска. Во текот на своето музичко образование учествувал на повеќе државни и меѓународни натпревари и има добиено многу награди. Настапувал во Софија, Париз, Рим и Македонската филхармонија, а на 13-годишна возраст го одржал првиот солистички рецитал во Скопје.

Фото: Од пробата под диригентство на Борјан Цанев (Фото: Филхармонија)