Во полниот Антички театар во Охрид Јелена Томашевиќ ја испеа македонската народна песна „Македонско девојче“ на концертот кој го одржа сношти (6 август) и цела публика запеа заедно со неа.
„Кога првпат го видов овој театар, знаев дека еден ден ќе пеам овде. Овој концерт е доказ дека желбите и соништата се остваруваат“, рече српската поп-пејачка.
Пеејќи ги нејзините најголеми хитови, таа не пропушти да каже дека му е благодарна на македонскиот продуцент Дарко Димитров за убавата соработка и пријателството што траат долги години.
„Пред да почнам да пеам поп-музика бев пејачка во КУД ‘Абрашевиќ‘ и отсекогаш ја негувам изворната музика. Мојот татко знаеше да ги слуша народните песни на Радио Белград, да ги запишува и потоа да ми предлага кои да ги пеам. Меѓу нив секогаш беше и по некоја македонска народна песна“, рече Томашевиќ, која е сопруга на актерот Иван Босиљчиќ.

Публиката во Антички пееше заедно со неа во текот на целиот концерт, најмногу на хитовите „Оро“, „Кошава“, и „Океани“. При крајот на концертот, таа се симна во првите редови од публиката, се сликаше и запеа со фановите. Томашевиќ важи за еден од најдобрите женски вокали во популарната музика во регионот. Најмногу се прослави откако го освои шестото место на Евровизија 2008 во Белград со песната “Оро“. Жељко Јоксимовиќ ѝ направи албум со етно-поп музика и тие песни се и денес нејзините најголеми хитови.
Концертот го организираше продукцијата „Прагма“.
М. ЏАРОВСКА