Светски познатиот диџеј од Турција Махмут Орхан ќе настапи во Охрид, на стадионот „Билјанини извори“ на 25 јули од 20 часот, објави продукција „Прагма“.
Орхан, кој на крајот од декември гостуваше во Скопје е еден од најбараните музички продуценти денес.
Роден е во 1993 година во Бурса и стана светски популарен во 2016 година со мегахитот „Чувствувај“ (Feel), кој со стотици милиони прегледи го освои глобалниот пазар. Неговиот специфичен музички стил е препознатлив по уникатниот спој на модерна електронска музика како дип хаус и мелодично техно со традиционални ориентални и етно-мотиви од Блискиот Исток. Денес, тој е редовен хедлајнер на најголемите светски фестивали како Тумороуленд и Егзит.
Од „Прагма“ велат дека до 20 јуни можат да се купат 3 билети за 3.000 денари за три концерти во Охрид: Махмут Орхан на 25 јули, Рита Ора на 1 август, и „Слаткаристика и пријателите“ на 2 август преку мрежата на Купи карта.