Песните на „Битлс“ можат да звучат интересно и во џез аранжмани, а ги свиреше Националниот џез оркестар на концертот на летната сцена „Славиша Кајевски“ во МНТ.
„Драго ни е што дојдовте оваа топла летна ноќ“, се пошегува диригентот Џијан Емин, познат по својот специфичен хумор и на претходните концерти на НЏО.
Ова беше уште еден успешен и полн концерт на џезерите, со публика од генерацијата која главно пораснала со „Битлс“ или учела за нив од родителите. Оркестарот ги свиреше „Day Tripper“, „Eleanor Rigby“, „Hey Jude“ и други, а на последната, познатиот рефрен го запеа и публиката заедно со диригентот. За секоја песна, Џијан Емин имаше посебна приказна која беше враќање во времето на четворката од Ливерпул.
Публиката си замина среќна, но фалеа многу хитови. Чудно е трибјут на „Битлс“ да се прави без „Yesterday“, „Let It Be“ или „Twist And Shout“.
М. ЏАРОВСКА